Бадникова поворка 2026

Околу подготовките за настанот „Бадникова поворка 2026“ ја контактиравме Ружица Денковска, еден од организаторите и член на Здружението „Бадникови поворки“ Еве ја нејзината порака до граѓаните на Куманово.

Подготовките за настанот „Бадникова поворка 2026“ во Куманово се активно во тек.

Пред некој ден заврши литературниот конкурс за основци и средношколци, кој го распишавме во соработка со „Друштвото на писатели од Куманово“ и со поддршка од Општина Куманово, на тема „Божиќ“.
Најдобрите творби ќе бидат избрани, а потоа од нив ќе се роди божиќна аудиокнига, чија промоција ќе биде наскоро.

Во моментов тече изборот на деца кои читаат изразно, имаат пријатна боја на гласот и добра дикција, а кои ќе бидат вклучени во изработката на аудиокнигата.

На 27 декември, во 11 часот, во комплексот „Асторија“, подготвуваме едукативно-музичка работилница за деца. Учеството е бесплатно, а пријавувањето е задолжително. Работилницата ќе биде поделена на два дела: музички и едукативен.

Музичкиот дел има за цел да им помогне на дечињата да ја научат бадниковата песна, односно коледарската каланда „Вечниот Бог“, која се пее за време на движењето во поворката. Во учењето децата на работилницата ќе имаат помош од Лука Чомбе, Драгана Јовановска, Мартинијан и Тајзи – наши добро познати кумановски пејачи.

Во забавниот дел ќе биде вклучен и стенд-ап за деца, кој ќе го изведе нашиот познат актер Мирослав Петковиќ, кој воедно ќе биде и модератор на работилницата.

За едукативниот дел ќе се погрижиме ние од здружението „Бадникови поворки“, а тој ќе опфати објаснување на непознатите зборчиња во каландата „Вечниот Бог“, како и објаснувања за симболиката и значењето на Божиќната пештера и ѕвезда, големината на празникот Божиќ и неописливото значење на Христовото Рождество за светот, некогаш и сега.

Договоривме посета на дел од поворката во Домот за стари лица „Зафир Сајто“, како и во неколку кумановски фирми. Поворката ќе посети и домови на наши сограѓани.

Потпишавме Меморандум за соработка со музичкото училиште „Панче Пешев“, а со дечињата музичари од таму подготвуваме различни изненадувања. На главното празнување, на 6 јануари, тие ќе изведуваат божиќни каланди заедно со споменатите пејачи и Ивона Јо.

Познатите жолти ѕвезди оваа година дечињата ги изработуваат сами, на семејни работилници, или можат да купат веќе изработена ѕвезда во „Креативен свет“, веднаш до слаткарницата „Јулија“, по цена од 60 денари.

Во постојана комуникација сме со организаторите од сите градови, а особена радост ни е што годинава, за првпат, и селото Пчиња се придружува на семејството „Бадникови поворки“, со своја сопствена поворка. Таму веќе има пријавено околу стотина дечиња и сѐ е подготвено за главното празнување на 6 јануари наутро.

Кумановската Бадникова поворка ќе ја објави радосната вест за Христовото Рождество и пред градоначалникот Максим Димитриевски, кој ќе ги дарува коледарчињата со пригодни подароци.

Пријавувањето за учество се врши на телефонскиот број: 078/427-602.

Ружица Денковска
„Бадникови поворки“

 

слични постови

Мартин Костовски ќе биде нов градоначелник на Куманово

Почитувани пријатели на Плоштад, продолжуваме со рубриката „Едно прашање - еден одговор“. Во октомври ќе имаме локални избори и околу изборниот резултат ќе има жестока битка...

Не е причинета штета на ниту еден корисник на услугите на...

По повод разните шпекулации за скандалот во ЈП „Водовод“ од директорот Оливер Стојмановски побаравме изјава. Неговата изјава, во форма на соопштение, ја пренесуваме во...

Едно прашање – еден одговор со Виктор Божиновски

Плоштад: Г-дине Божиновски, додека владеачката партија преку соопштенија бара правда, го повикува Јавното обвинителство да отвори истражна постапка и предлага Судскиот совет да ја разреши...

Едно прашање – еден одговор со Ненад Стојановски, директор на ЈП...

Плоштад: Г-дине Стојановски, Дали Вие како директор на едно од најважните јавни претпријатија во градот може да дадете совет како емотивната состојба да ја одделиме потполно...

Следете нѐ

0FansLike
0SubscribersSubscribe

Најново

Фото Вест

Вози Мишко

Подкаст