Приказна за двајца монаси и едно знаме

Ивана Аткинс

Постар монах и помлад монах патувале заедно. Во еден момент дошле до река со силна струја. Додека монасите се подготвувале да ја преминат реката, здогледале една многу млада и убава жена која исто така се обидувала да ја премине. Младата жена прашала дали можат да ѝ помогнат да премине на другата страна.

Двајцата монаси се загледале еден во друг бидејќи се имале заколнато дека нема да допираат жена.

Потоа, без збор, постариот монах ја зел жената, ја префрлил преку реката, нежно ја ставил на другата страна и го продолжил своето патување.

Помладиот монах не можел да поверува што се случило. Откако повторно му се придружил на својот придружник, останал без зборови и поминало еден час без збор меѓу нив.

Поминале уште два часа, а потоа три, и најпосле помладиот монах, не можејќи повеќе да се воздржи, избувнал: „Како монаси не ни е дозволено да допреме жена, како тогаш можеше да ја носиш таа жена на раменици?“.

Постариот монах го погледнал и му одговорил: „Брате, јас само ја спуштив од другата страна на реката, а зошто ти уште ја носиш со себе?“.

Прославата на една етничка заедница, во сосема друга, далечна Будистичка земја, се претвори во искра. Малцинството, одбележувајќи го денот на нивното национално знаме, запали симбол на мнозинството. Фејсбук изгоре, не во пламен, туку во навреди. Политичарите вреснаа: „Ова е напад на нашиот идентитет!“, напишаа дури и соопштенија со најостри осуди и додека викаа и пишуваа, жителите на едно, исто така зен гратче, се најдоа како одат по патека покрај една многу матна река – слично на двајцата монаси од древната приказна. Само што нивната река била далеку почиста.

Меѓу обичните луѓе беа и помладите монаси, одговарајќи со најгрдите пцости. Од нивните усти се слушаа само погани зборови. Знамето го носеа насекаде: во нивните разговори на пазар, шепотеа за него на работа и најхрабри беа на социјалните мрежи. „Како се осмелуваат?“, рекоа тие со црвенило на лицето од гнев. „Ако го оставиме ова да им помине, ќе нè згазат!“. Тие бараа извинување, казни и доказ дека нивната страна е надмоќна.

Но, меѓу нив беа и постарите монаси. Тие одмавнаа со главите, воздивнаа и продолжија. Не го оправдаа палењето на знамето, но ниту дозволија да им тежи на душата. „Не е огнот на знамето, туку огнот во нашите срца што ние мора да го чуваме“. Тие со години заедно пиеле чај и кафе, одбивајќи да го нахранат бесот. Пуштале мементото да помине, да одмине.

Политичарите, се разбира, ги мразеа постарите монаси. „Вие сте непатриотски!“. Помладите монаси се согласија. „Не ви е гајле за нашето достоинство!“, се потсмеваа тие. Но, постарите монаси едноставно се насмевнаа. „Ние и претходно ја преминавме оваа река“, рекоа старите мудреци. „Зошто сега да го носиме знамето со нас?“.

Како што одминуваше времето, жарот згасна. На помладите монаси им здодеа да го носат својот товар, а политичарите преминаа на нови драми. Постарите монаси останаа непоколебливи, се грижеа за нивните ниви, нивните семејства и нивните пријателства. Тие беа тивките чувари на мирот, оние кои сфатија дека битките за знамињата и гордоста често ја пропуштаат вистинската борба – да останат луѓе, дури и во конфликт.

И така, и Куманово научи, или можеби не успеа да научи нешто: не е пожарот на знамето што уништува заедница, туку огнот што избираме да го разгориме во себе.

слични постови

Пензиски маки големи

Деновиве повторно се отвори дебата дека линеарното покачување на пензиите е неуставно и дека Законот за пензиско осигурување јасно го дефинира тоа. Но, се...

Благородничка генерација

РЕОБЈАВА Плоштад, Објавено на 11 ноември, 2024 Ивица И. Алексовски Непреод и небидие. Непокор и распетија. Со такви тули, Анте Поповски ги соѕидал поетските палати во...

Зошто ЗНАМ победи во Куманово, а потфрли во другите градови?

Политичкиот феномен ЗНАМ на овие локални избори доби различни лица низ Македонија: триумфален во Куманово, но речиси невидлив во повеќето други општини. Таквата диспропорција...

Српската листа и независниот Диро со задоволителни резултати во Куманово, Левица...

Локалните избори во Куманово донесоа неколку изненадувања кои ќе ја редефинираат политичката мапа на градот. Иако на државно ниво најсилна е победата на ВМРО-ДПМНЕ,...

Следете нѐ

0FansLike
0SubscribersSubscribe

Најново

Фото Вест

Вози Мишко

Подкаст