Лас Вегас на кумановски начин

Според бројот на казината и обложувалниците кои во последните дваесетина години се отворија во градот, сакале или не, мора да признаеме дека нашиот град од ден на ден се повеќе наликува на еден коцкарски град, по теркот на градот Лас Вегас од Америка.

Па така, Куманово како град и најголема локална самоуправа во државата, наместо да се развива во духот на една модерна цивилизација и модерна економија и во склад со времето во кое што живееме, полека но сигурно станува град на пороци, кои што крајно негативно влијаат врз воспитувањето на младите генерации, и директно ги отргнуваат од вистинските вредности, како што се, пред сѐ, образованието, спортот, музиката и други позитивни области од општественото живеење.

Коцкањето како форма на забава

Со дефинирањето на коцкањето како форма на забава, за која коцкарот плаќа одредена цена и од која државата црпи ресурси за да го пополни буџетот, и македонскиот законодавец, исто како и во другите држави од бифша СФРЈ, не бил свесен, а камоли образован, за сите аспекти на отворањето на Пандорината кутија. Бидејќи, другата страна на паричката, за жал, ја чувствуваат учесниците во овој заводлив и магичен круг, но и членовите на нивните семејства, како и тесниот круг на измамени пријатели. На ред се професионалците за психолошка помош, бидејќи, коцката, пред сѐ е зависност, а борбата против зависности не е лесна.

Поради овој  непопуларен тренд во државата и во нашиот град, а кој се појави и настана како резултат на лошиот стандард и сиромаштијата, од неразбирливи причини, денес во Куманово постојат безброј објекти на казина и обложувалници, од кои што поголем број се наоѓаат во централното градско подрачје, и тоа на најатрактивните локации во градот.

И наместо да се градат стадиони, спортски терени, базени и воспитно-образовни установи, како што се пред сѐ градинките, што во моментов се неопходни заради нормално и здраво функционирање на градот, ситуацијата е обратна.

Градската автобуска станица „мека“ за коцкари

Во градот има и такви места и локации каде што на само стотина метри функционираат и работат дури четири обложувалници, што навистина е симптоматично, но и чудно, што надлежните институции во градот но и пошироко, барем засега, овој тренд и оваа појава ги подржуваат и одобруваат, и покрај тоа што истите се косат со вистинските вредности во нашето општество.

Многу интересна е локацијата на Градската автобуска станица, која што наместо на автобуска станица по својот изглед повеќе наликува на класична коцкарница, од која што повеќе од половината од просторните капацитети, новиот сопственик наместо да ги стави во функција на модернизација на автобуската станица, со внесување на нови програми во служба и како сервис за граѓаните, тој истите ги има издадено под закуп на две казина.

Младите како атрактивна коцкарска таргет група

Во целата оваа приказна најголеми жртви се помладите генерации, особено тинејџерите, и тоа оние помладите од осумнаесет години, за кои што влезот во казината и обожувалниците за ваквите лица со закон е забранет, но и покрај тоа, тие успеваат да се снајдат и тоа стоејќи и чекајки пред влезот на обожувалниците, и молејки ги полнолетните играчи да им го уплатат ливчето, при тоа, трошејки ги последните пари кои што родителите им ги даваат, за време на училишната пауза  да си купат кифла за јадење.

Било како било, навистина е крајно време државните но и општинските надлежни институции сериозно да го разгледаат овој горлив проблем и да изнајдат решение за него. Од проста причина, негативното влијание на коцкарниците врз севкупното општествено живеење, влијае и врз животот и воспитувањето  на помладите генерации, кои се иднината на државата.

Т.Д.

слични постови

Кога тишината зборува погласно од смеењето…

Кога тишината зборува погласно од смеењето и кога светлината го осветлува лицето а го затемнува мозокот. Синоќа, во еден обичен ресторан, бев сведок на еден...

Конвенцијата на ДПСМ сигнал за развој, достоинство и единство на граѓаните...

Овој петок, Куманово ќе биде домаќин на Конвенцијата на Демократската партија на Србите во Македонија – настан кој ја потврдува посветеноста на партијата кон...

Куманово под лупа, кумановци чекаат – проблемите остануваат

Куманово, вториот најнаселен град во државата, влезе во завршницата на мандатот на актуелниот градоначалник со повеќе прашања отколку одговори. Податоците и изјавите од граѓани...

Демократијата на Швајцарија – лајтмотив за Евровизија 2025!

15.04.2025 Се ближи мај, се ближи и годинешното издание на најголемиот музички фестивал на светот, Изборот за песна на Евровизија 2025. Тој, годинава ќе се одржува...

Следете нѐ

0FansLike
0SubscribersSubscribe

Најново

Фото Вест

Вози Мишко

Подкаст