Кумановчани, дали сте подготвени? Доаѓа „Гитаријада 2025“ – симболот на урбаната душа на градот!

Куманово отсекогаш било град со бунтовен дух и со непокорна енергија, а токму таа енергија најсилно се чувствува на една манифестација – „Гитаријада“. Оваа сабота, 27 септември, со почеток во 20 часот, во Занаетчискиот дом, повторно ќе се собере целата рок генерација на Куманово, заедно со младите што ја откриваат магијата на живиот звук.

На сцената ќе настапат „Нема Спас“ од Куманово – бенд што го носи духот на градот во секоја нота, а заедно со нив ќе ја почувствуваме свежата енергија на „Сиз“ и автентичниот стил на Карла Левински од Скопје. Очекувајте моќен звук, адреналин и експлозија на емоции што само гитарата може да ги донесе!

Но, „Гитаријада“ не е само концерт. Таа е традиција што со децении го гради културниот идентитет на Куманово. Првпат одржана пред повеќе од половина век, манифестацијата стана собиралиште на генерации, сцена што ја откриваше иднината на младите бендови, но и подиум на кој настапувале имиња што оставиле белег во македонската рок историја.

За многумина, „Гитаријада“ претставува споменар на младоста, на долгите ноќи исполнети со музика, пријателства и енергија што не може да се опише – само да се доживее. Таа е доказ дека Куманово отсекогаш имало свој урбан пулс, свој стил и свој препознатлив музички печат. Таа е култна музичка манифестација, еден од симболите на кумановската урбана музичка традиција.

Да потсетиме дека првата гитаријада била одржана на 5-ти ноември 1967 година во просториите на Друштвото за телесно воспитување „Партизан“во Куманово. Во преполната сала имало над 1.000 младинки и младинци, а настапиле „Ред Росес“, „Глечери“, „Немирни“ и „Крвави дечаци“.

Настапот на ансамблите го следела специјална жири комисија која доделила едногласно, единствена награда за најдобар вокално-инструментален состав, со 105,5 поени. За најдобар состав бил прогласен составот „Ред Росес“ на кои им била доделена награда во износ од тогашни 15.000 стари динари. На другите групи за учеството им биле доделени по 5.000 стари динари.

Жири комисијата едногласно се согласила за најдобар интерпретарот на бит музиката да ја прогласи младинката Мира Антовска, член на „Ред Росес“ за интерпретација на мелодијата „Опрости“.

Инаку, некогаш популарната манифестација со години не се одржуваше во Куманово. Таа повторно се врати на големи врата, во 2019 година, на 29 октомври, на  500 годишниот јубилеј на Градот, во Занаетчискиот дом.

Поголемиот дел од кумановци се сеќаваат дека Куманово во 2019 година го прославуваше својот петвековен јубилеј. На сите ни е позната 1519 година која се наоѓа на грбот на Куманово. Таа 1519 година, не е година кoja што е значајна само за Куманово, туку во светски размери е година во која се случувале многу значајни географски, историски и други настани, како на пример дека Фернандо Магелан ја започнал својата експедиција на „Патот околу светот“.

Како и да е, оваа Гитаријада е настан врежан во трајната меморија на кумановчани како една од ретките можности на кои што младите бендови имале можност да го презентираат нивниот звук. Затоа, кумановчани, прашањето е јасно:
Ќе бидете ли дел од оваа приказна, или ќе дозволите да ви ја раскажуваат други?
Да ја исполниме салата, да пееме заедно и да докажеме дека Куманово и понатаму живее во ритамот на гитарата!

Настанот се организира од Фондацијата за култура и спорт – Куманово, под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово.

Сабота, 27 септември, Занаетчискиот дом Куманово, 20 часот, влез слободен – донеси ја твојата рок енергија и биди дел од „ГИТАРИЈАДА Куманово 2025“!

Ајде Куманово – да ја живееме магијата!

 

Р.П.

слични постови

Промоција на книгата „Ништо нормално“ – Симона Јовановска

Ве покануваме на промоцијата на најновата збирка раскази со наслов „Ништо нормално“ на талентираната Гостиварчанка Симона Јованоска, која ќе се одржи на 11.06 (четврток)...

Женската одбојкарска екипа на Куманово заминува на подготовки на Златибор

Меморандумот за збратимување помеѓу општините Куманово и Чајетина дава резултати. Неуморниот Марјан Стошевски – Мако, кој е иницијатор на оваа соработка, нè извести за една...

Панихида во чест на Драган Богдановски

Денеска се навршуваат 28 години од погребението на Драган Богдановски во Куманово, кој починал на 31 мај 1998 година во Данска. Тој е еден од...

Биди и Ти средношколец во ОСТУ „Наце Буѓони“!

Врз основа на Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2026/2027 година објавен од Министерството за образование и наука, Училишната комисија...

Следете нѐ

0FansLike
0SubscribersSubscribe

Најново

Фото Вест

Вози Мишко

Подкаст