Кумановска етно ризница, аранжирана од Цане Петров

Во изведба на Нино Величковски и маестро Цане Петров, повторно се вљубивме во „Бабино девојче“!

Понекогаш сѐ што човек треба да каже за себе најдобро тоа ќе го стори преку своето дело, и, ако без брзање почека на вистинскиот момент.

Таков момент за маестро Цане Петров беше неговиот концерт „Цане со пријателите“ одржан во Занаетчискиот дом во Куманово, на 18.11.2024 година, во рамките на деветтиот фестивал „Денови на балканската етно ризница“, а под покровителство на Советот на Општина Куманово, Секторот за култура и градоначалникот Максим Димитриевски.

Човекот кој речиси пет децении се калеше на сите начини, поминувајќи ги сите жанрови, фази и димензии на развој и усовршување во популарната музика (како почетник во културно уметнички друштва, преку музичар во групи, забавувач, живи свирки, турнеи, па до композитор, аранжер, продуцент и на крај магистрирајќи како инжењер за студиско снимање), сето тоа го спои и покажа наеднаш.

Маестро Цане Петров брилјираше на својата гитара!

Но, не е ништо чудно, штом занаетот се пече со децении, резултатот мора да е севкупен како збир на она што го собирал цело време, па таа незаборавна ноќ за него всушност и значеше полагање на испитот пред најважниот фактор – публиката, пред која тој како инструменталист страсно ја покажа својата моќ на создавател на волшебна музичка вечер.

Петров изведе неколку капитални песнопојни дела од богатата македонската традиција, овој пат обликувани како инструментали во негови аранжмани, што истовремено ја допираа и традицијата и универзалноста.

Поделени во неколку музички колажи, од неговите прсти се создаваа и одѕвонуваа „Калино моме“, „Јовано Јованке“, „Дафино вино црвено“, „Доста доста лично ле Стојче“ во првиот колаж, а веднаш потоа и „Ој ти пиле, славеј пиле“ и „Калеш Анѓо“ во вториот.

По двата блока, посебна свежина внесоа настапите на Василиа Петрова, пејачка со дел и македонски корени, која се претстави со „Огрејала Месечина“ и обожуваниот, популарен стружанец Методија Столески со „Коња водам Анѓе“.

Младите екслузивци на Петров ги освоија симпатиите на присутните, особено што интерпретираа неслушнати стари македонски песни, снимени во нова верзија.

Третиот колаж беше сочинет од звуците на „Невесто око калешо“, „Излези Видо“, „Море сокол пие“ и повторно музички сплет од темите „Со маки сум се родил“, „Твојте очи Лено мори“, „Сардисале“, „Ја излези Ѓурѓо“, „Там дека има високи чардаци“, со кои се заокружи и тој инструментален дел.

Крајот на концертот донесе силни импулси на возбуда, загревање со Бајса Арифовска и нејзината инструментала изведба на „Дено, Денче“, па грмнаа аплаузи и за Катерина Брезева од групата „Соната“ кога нежно ја испеа „Прошета се Јовка Кумановска“, а она највозбудливото потоа на сцената го донесе кралот на кумановското боемство и песна – Нино Величковски, и овој пат пеејќи за своето „Бабино девојче“, белегот на неговата славна кариера.

Но, за изненадувањето и убавината да биде уште поголема, Величковски придружен од гитарата на Петров ја изведе (баш) оригиналната верзија што се пеела во дамнешни времиња во кумановско Бајловци, а која своевремено му ја пренел неговиот татко, Панче.

И сега, запаметете ги и зборовите од рефренот: „Труп труп до мене, труп труп до тебе, труп труп до тебе бабо, па на коолееено“, зашто еднаш штом ќе ја слушнете музичката приказна за славното „девојче“, ќе ве повлече (повторно) да се вљубите во стихот и да си го потпевнувате често.

Публиката не сакаше да си оди, побара уште музика, но во рамките на ексклузивноста на програмата сѐ што можеше да добие по таа фасцинантна изведба беше само уште еден блок со инструменталки на гитара.

Маестро Петров повторно на махерски начин и без нималку да избега од основата и традицијата, песните ги обои(л) и со етно и со забавен призвук, дури и со шпански, што дури звучеше на моменти како Пако де Лусија да свири…но не само технички одлично, питкоста со која „везеше“ на жиците на гитарата сега веќе го воздигнуваат и до една позиција до која досега не се нашол.

Сепак, да повториме, како искусен декоратер на својата музичка трпеза тој имаше поставено прецизно сѐ на свое место, секому според вкусот и меракот.

А кога веќе сме и кај трпезата, добрите домаќини, организатори од „Етно ризница“, не беа штедливи, па присутните ги почестија и со вкусен коктел подготвен на домаќински македонски начин од страна на луѓето од Центар за истражување и одржување на традицијата, од каде што на настанот ги видовме и неколкуте млади насмеани играорки и играорци, што заиграа на сцена на песните изведени на крајот.

Како изгледаше дел од тоа задоволство и тие кумановски мераци, може да проследите на следниов линк.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

 

слични постови

Кога тишината зборува погласно од смеењето…

Кога тишината зборува погласно од смеењето и кога светлината го осветлува лицето а го затемнува мозокот. Синоќа, во еден обичен ресторан, бев сведок на еден...

Конвенцијата на ДПСМ сигнал за развој, достоинство и единство на граѓаните...

Овој петок, Куманово ќе биде домаќин на Конвенцијата на Демократската партија на Србите во Македонија – настан кој ја потврдува посветеноста на партијата кон...

Куманово под лупа, кумановци чекаат – проблемите остануваат

Куманово, вториот најнаселен град во државата, влезе во завршницата на мандатот на актуелниот градоначалник со повеќе прашања отколку одговори. Податоците и изјавите од граѓани...

Демократијата на Швајцарија – лајтмотив за Евровизија 2025!

15.04.2025 Се ближи мај, се ближи и годинешното издание на најголемиот музички фестивал на светот, Изборот за песна на Евровизија 2025. Тој, годинава ќе се одржува...

Следете нѐ

0FansLike
0SubscribersSubscribe

Најново

Фото Вест

Вози Мишко

Подкаст