Вештачката интелигенција (ВИ) – можности и предизвици за училиштата

Дали вештачката интелигенција (ВИ) добива сѐ поголема улога и во образованието? Дали нејзината употреба во воспитно-образовниот процес отвора нови можности и какви предизвици и ризици носи? Свесни сме дека веќе не се поставува прашањето дали ВИ треба, туку колку често треба да се користи.

Учениците и новите генерации веќе ја користат ВИ, но факт е дека наставниот кадар и родителите сѐ уште имаат одбранбен став кон оваа прашање.

Од аспект на поддржувачите на употреба на новите технологии во образовниот процес, ВИ нуди можност за персонализирано учење, односно се постигнува поефикасен и поквалитетен процес на усвојување знаења. Дополнително, учениците и наставниците имаат брз пристап до безброј информации, што го забрзува учењето и подготовката за настава.

Друг значаен придонес на ВИ е автоматизацијата на административни задачи. Наставниците можат да заштедат време преку автоматско оценување, генерирање тестови и следење на напредокот на учениците. ВИ алатките се достапни 24/7, што им овозможува на учениците да учат и надвор од училницата, според сопственото темпо. Исто така, овие технологии особено можат да бидат корисни за учениците со посебни образовни потреби, обезбедувајќи им пристап до адаптирани образовни содржини.

Сепак, покрај бројните придобивки на користењето на ВИ во образовниот процес постојат и сериозни недостатоци и аномалии.

Намалената човечка интеракција е главниот и основниот проблем при користењето на ВИ.  Воспитниот аспект на образованието – емпатијата, поддршката и мотивацијата што ги дава наставникот – не може да биде заменет од машина. Но, честата употреба на ВИ може да доведе до зависност и намалување на критичкото размислување кај учениците.

ВИ системите често собираат и обработуваат лични податоци, што може да доведе до злоупотреба или губење на доверливост.

Исто така, дигиталната нееднаквост претставува проблем – не сите ученици имаат пристап до современа технологија или интернет, што може да ја зголеми разликата помеѓу учениците.

ВИ и покрај тоа што се базира на податоци може да обезбеди неточни информации или да биде пристрасна, што дополнително може да влијае негативно врз образовниот процес.

Улогата на наставникот со појава на вештачката интелигенција

Во услови на употреба на ВИ за образовни цели неизбежно се поставува прашањето: дали и колку ќе опстане професијата наставник?

Улогата на наставникот има уникатна вредност која не може целосно да се замени со технологија. Наставникот не е само пренесувач на знаење, туку и воспитувач, ментор, поддршка и инспирација за учениците.

ВИ може да обезбеди информации и да следи напредок, но, не може да почувствува емоција, да ги разбере социо-емоционалните состојби на ученикот, да пружи топлина и мотивација. А кај помалите деца, емпатијата, човечката интеракција и поддршката се клучни фактори во воспитно-образовниот процес.

Сепак, треба да се сложиме дека професијата наставник нема да остане иста. На наставниците ќе им треба адаптација на новите технологии, користење на нови  алатки како помош при планирање, следење резултати и индивидуализација на наставата. Тие ќе станат фасилитатори и водичи низ знаењето, наместо едноставни предавачи. Наставниците што ќе се едуцираат и прилагодат, ќе имаат уште поважна улога во новото време.

Иако ВИ ќе го промени начинот на кој се реализира наставата, таа нема да ја избрише потребата од наставник. Напротив, ќе ја зголеми вредноста на оние наставници кои умешно ќе го комбинираат класичниот пристап со технолошка писменост.

Во ерата на вештачката интелигенција, наставникот не исчезнува – тој еволуира.

Во ООУ „Толи Зордумис“ се прилагодуваме на современите трендови, вклучувајќи ја и употребата на ВИ. Редовно организираме едукација и работилници за наставниците за подобро разбирање и поефективна примена на ВИ алатките во наставата. Се обидуваме нашите ученици да стекнат поголема дигитална писменост и воедно ги учиме на одговорна употреба на технологијата.

Со воспитната компонента имаме цел да направиме добри луѓе, етични и морални, како во училишните клупи, така и надвор од нив. Иднината останува на младите, но сегашноста е единствената реалност во која наставникот има многу одговорна задача да образува и воспитува. Вештачката интелигенција е добар слуга, но да внимаваме да не стане лош господар!

 

Р.П.

слични постови

За учителката на животот

„Историјата е учителка на животот” е дел од еден поголем цитат на Цицерон. Мислам дека никој друг, кога е во прашање историјата, нема успеано...

Дали младите помалку ги почитуваат возрасните или возрасните треба да ја...

За одговор на оваа прашање разговаравме со родителите од ООУ„Толи Зордумис“. Според нив, денешните млади имаат помалку почит кон повозрасните поради неколку фактори: Промени...

Низ игра до совладување на наставниот материјал

Во првите школски чекори, кога детската душа сè уште трепери пред непознатото, одделенскиот наставник станува тивок градител на воспитно - образовниот пат – не...

Емпатија во епрувета: како наставниците создаваат формула за човечност

Во светот на хемијата сè е поврзано – елементи, реакции, енергија. Но, надвор од лабораториската маса и периодниот систем, постои една посебна хемиска врска...

Следете нѐ

0FansLike
0SubscribersSubscribe

Најново

Фото Вест

Вози Мишко

Подкаст